речник контакт

Како синдикатот остана без кино салата?

Ова е скандалозен трансфер на сопственост, поради што замешаните кривично ќе одговараат, вели Мите Андов, претседател на Синдикатот.

Петар Печков

Велешкиот синдикат остана без дел од имотот, откако Катастарот му го „препиша“ на киното „11 Октомври“, а потоа Општината си го презеде во своја сопственост.

Револтирани, синдикалците најавуваат дека ќе побараат одговорност од сите замешани во случајот, додека во Катастарот велат дека нема место за паника зашто грешката - ако ја има - може да се исправи.

Деновиве синдикалците добиле писмо од Катастарот дека дел од нивниот имот преминал во сопственост на киното. Во одлуката немало образложение како е извршен преносот и како киното станува сопственик, иако тоа редовно потпишува договор за користење на салата како закупец. И во киното се изненадени од ваквиот развој на настаните.

Случајот се актуализира откако Советот на Општина Велес донесе одлука за преземање на имотот на киното „11 Октомври“, со што тој стана сопственост на градот.

- Ова е скандалозен трансфер на сопственост, поради што сите што се вклучени во случајот ќе се соочат со кривична одговорност - вели Мите Андов, претседател на Синдикатот во Општина Велес.

Според документацијата на која се повикуваат, синдикалците располагаат со 14. 000 квадратни метри простор на три ката во зградата на улица „Цар Самоил“. Во неа, освен кино салата, која има 780 м2, сместени се и неколку политички партии, граѓански здруженија и други фирми. Со распаѓањето на СФРЈ почнува и ограничувањето на сопственоста на имотот. Зградата ја добива Синдикатот, но со одлуката не се согласуваат градските власти, кои почнуваат судски процес. И во првостепена одлука на Општинскиот суд Велес и во второстепена одлука на Окружниот суд во Скопје се потврдува дека зградата, заедно со киносалата, е на Синдикатот. Незадоволен од ваквите пресуди, тогашниот народен правобранител бара ревизија. Врховниот суд во 1993 година укажува дека Општината не може да биде сопственик на објектот, со што случајот се затвора.

- Никогаш не сме биле сопственици на овој простор, ние сме само корисници на објектот. Со Синдикатот редовно потпишувавме договор за наем, но поради лошата финансиска моќ во последните години кирија и не плаќавме - вели Драган Стојков, директор на киното „11 Октомври“.

Во 1993 година вработените во киното почнале да ја реновираат салата, но биле стопирани бидејќи таа не е нивна.

Во Катастарот ја смируваат тензијата и велат дека проблемот може да се реши.
 
- Синдикатот треба да донесе документација и ако се во право, веднаш ќе извршиме упис - изјави Билјана Петрова, раководителка на Катастарот во Велес.

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »